Околу 3 милиони евра платиле граѓаните на Управата за јавни приходи (УЈП) за персонален данок на приходи остварени во странство во 2020 година. Управата испратила над 11.000 решенија, од кои кај 6.600 граѓани бил утврден данок за плаќање. Од нив, 2.200 сами поднеле пресметка, а кај 4.400 пресметала УЈП.
Директорката на УЈП, Петрова, соопшти дека граѓаните кои доставиле доказ за платен данок во друга земја, но нивните документи не биле прифатени на шалтерот, ќе имаат продолжен рок за доставување. Таа ги повика сите граѓани да обезбедат докази и за приходите остварени од 2021 до 2025 година.
– Станува збор за лица кои работеле на бродови, во Авганистан или примале хонорари од други земји пред пет години. Граѓаните што го платиле данокот во странство ќе бидат земени во предвид, согласно меѓународните договори, и нема да има двојно оданочување, истакна Петрова.
Граѓаните изразија револт пред УЈП во Куманово и на социјалните мрежи, барајќи објаснување зошто не биле известени навреме. Многумина од нив поминале повеќе од 183 дена годишно во странство и сметале дека не се даночни резиденти. Дополнително, некои не можат да обезбедат потврди за престојот од Министерството за внатрешни работи, бидејќи податоците не се чуваат подолго од пет години.










