Градот Крижевци од 2026 година ќе воведе мерка со која бабите и дедовците ќе добиваат месечен надомест од 250 евра за чување на своите внуци кои не успеале да се запишат во градинка поради недостиг на капацитети. Со ова, Крижевци стануваат втор град во Хрватска, по Самобор, што воведува ваква поддршка за семејствата.
Годишниот износ што ќе можат да го добијат бабите и дедовците изнесува 3.000 евра, средства кои, според локалните власти, ќе бидат значајна помош со оглед на ниските пензии. Мерката воедно треба да го олесни товарот за младите родители, кои повеќе нема да стравуваат дали нивните деца ќе добијат место во градинка. Во моментот, од 250 деца во еден од градските вртиќи, дури 130 останале неупишани.
Пријавувањето започна денеска и се врши онлајн преку образец достапен на веб-страницата на градот. Градоначалникот Томислав Катановиќ истакнува дека критериумите се благи: родителите, бабата и дедото и детето мора да имаат живеалиште во Крижевци; родителите треба да бидат вработени или редовни студенти; а бабата и дедото да поседуваат потврда дека се пензионери.
Од градот очекуваат голем интерес, имајќи ја предвид специфичната структура на населението и фактот што голем дел од семејствата живеат во повеќегенерациски домаќинства во околните населени места. За мерката се издвоени 180.000 евра од градскиот буџет.
Локалната власт нагласува дека ова не е замена за градинките. Планирано е отворање нова градонка кон крајот на оваа година или на почетокот на следната учебна година, уште еден напролет, а трет е веќе во фаза на проектирање.
Паралелно, Крижевци го зголемија и надоместокот за новороденчиња од 200 на 500 евра, со дополнителни 100 евра за секое следно дете. Според градоначалникот, демографските мерки се приоритет, бидејќи градот во последната деценија изгубил повеќе од 10 проценти од населението.










