Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повикува на итна и енергична реакција од Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи поради организираните напади врз профилите на „Слободен печат“ на Инстаграм.
Според ССНМ, станува збор за координирани, злонамерни активности кои се манифестираат преку масовни пријави на објавите на медиумот. „Целта е јасна – да се наруши работата на редакцијата и да се врши притисок врз медиум кој никогаш не ги прекршил правилата на платформата“, посочуваат од синдикатот.
Овој вид на напади, велат од ССНМ, не е изолиран случај. „Во случајот со ‘Слободен печат’, таквите кампањи се повторуваат циклично и константно. Ова директно го загрозува правото на слободно изразување, пристапот до информации и безбедноста во онлајн просторот“, предупредуваат од синдикатот.
ССНМ бара институциите веднаш да ги користат сите свои надлежности за заштита на медиумите. „Основното јавно обвинителство и МВР мораат да преземат конкретни чекори за да им овозможат на медиумите да работат непречено, без закани и притисоци“, додаваат од синдикатот.
Тие исто така упатуваат пофалба до „Слободен печат“ и нагласуваат дека медиумот, како еден од водечките во земјава, треба да продолжи со транспарентно и одговорно новинарство. „Подлегнувањето на обидите за замолчување преку дигитални притисоци би било исполнување на целта на интересните групи кои стојат зад нападите“, заклучуваат од ССНМ.










