Министерството за здравство ги објави конечните податоци од новогодишната ноќ, откривајќи сериозен биланс од користењето пиротехнички средства. И покрај континуираните апели и едукативната кампања против употребата на петарди, седум лица се здобиле со траен инвалидитет, меѓу нив пет деца и двајца возрасни.
Повредените биле згрижени на Универзитетската клиника за пластична хирургија и во Ургентниот центар, каде што лекарските тимови извршиле низа тешки и сложени интервенции, вклучувајќи ампутации на делови од прсти и третман на сериозни изгореници.
Од здравствените власти предупредуваат дека станува збор за повреди кои носат долготрајни последици и тежок процес на рехабилитација. Посебно загрижува фактот што кај деца била неопходна ампутација, што, како што истакнаа надлежните, најдобро ја покажува сериозноста и опасноста од невнимателното користење пиротехника.










