Истанбул може да стане уште посилен авијациски центар на светот. Турскиот национален авиопревозник „Turkish Airlines“ најави грандиозен проект: изградба на најголемиот карго терминал и централен кетеринг за авиони, со вкупна инвестиција од 100 милијарди турски лири, односно повеќе од 2,3 милијарди евра, јави агенцијата „Анадолу“.
Според официјалната објава на компанијата на социјалната мрежа „Ен Социјал“, новиот комплекс ќе отвори 26.000 работни места, што ќе даде значителен економски импакт во регионот. Иако точната локација на терминалот сè уште не е потврдена, експертите претпоставуваат дека ќе биде во Истанбул – комерцијалниот центар на Турција, кој веќе располага со два меѓународни аеродроми и е центар на операциите на авиокомпанијата.
„Turkish Airlines“ е еден од најголемите светски авиопревозници, годишно превезувајќи над 85 милиони патници и 2 милиони тони товар. Компанијата моментално располага со 514 авиони, но плановите се амбициозни: извршниот директор Билал Екси изјави дека до 2033-та година флота ќе порасне на 813 авиони, со што авиопревозникот ќе се позиционира меѓу петте водечки компании во светот.
Овој проект не само што ја зацврстува улогата на „Turkish Airlines“ како глобален транспортен гигант, туку и го претставува Истанбул како клучна точка за авијација и логистика на меѓународно ниво.










