Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ) ќе биде сменет, во рамки на поширока серија кадровски промени на највисоко ниво во државата, кои вклучуваат и замена на шефот на Кабинетот на претседателот.
Во објава на социјалната мрежа „Х“, Зеленски соопшти дека од актуелниот директор на СБУ, Васил Малјук, побарал поголем фокус на борбените активности и поефикасни резултати на теренот.
„Потребни се повеќе украински асиметрични операции против окупаторот и руската држава, како и посилни резултати во елиминирањето на непријателот“, напиша Зеленски.
Малјук ја презеде функцијата директор на СБУ во 2023 година, а за време на неговиот мандат службата спроведе низа операции од висок профил, меѓу кои и напади врз Кримскиот мост и руски стратешки воени бази. Според најавите, смената е дел од обидите на украинското раководство да ја зголеми ефикасноста на безбедносните и разузнавачките структури во услови на продолжениот конфликт.










