Европските лидери објавија заедничка изјава во која јасно порачуваат дека Гренланд припаѓа на неговиот народ и дека само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за својата иднина.
Во документот, потпишан од францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, шпанскиот премиер Педро Санчез, британскиот премиер Кир Стармер и данската премиерка Мете Фредериксен, се нагласува дека арктичката безбедност е клучен приоритет за Европа и НАТО.
Лидерите истакнуваат дека Арктикот е зона од стратешко значење, каде што европските сојузници веќе го зголемуваат своето воено и безбедносно присуство за да ги одвратат потенцијалните закани. Притоа се потврдува дека Кралството Данска, вклучително и Гренланд, е дел од НАТО.
Во изјавата се нагласува и дека безбедноста во Арктикот мора да се обезбеди колективно, во соработка со Соединетите Американски Држави, но со целосно почитување на Повелбата на ОН, суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.
„Овие принципи се универзални и нема да престанеме да ги браниме“, се наведува во заедничката порака, која доаѓа во момент на зголемени геополитички тензии околу иднината и безбедноста на Арктичкиот регион.










