Снегот кој од изминатата ноќ паѓа во Белгија и Холандија создаде дебела снежна покривка и предизвика сериозни застои на патиштата и прекини во авиосообраќајот.
Во Белгија на патните правци се формираа колони долги околу 800 километри, а возилата се движат многу бавно прилагодувајќи ја брзината на условите на патиштата, кои се прекриени со снег и мраз.
На аеродромот „Зевентем“ во Брисел откажани се 20 полетувања и 20 слетувања, а стотици патници ја поминаа ноќта во аеродромската зграда. Тимовите на аеродромот работат на расчистување на пистите и авионите од снег и мраз.
Белгискиот Кралски метеоролошки институт прогласи портокалов метеоаларм за зимски услови за целата територија, предупредувајќи на голомразица, особено во централните и источните делови на земјата. Максималните температури ќе се движат од минус 5 до околу 5 степени, со умерен до засилен ветер со налети до 65 километри на час.
И во Холандија, проблемите со сообраќајот се големи – на патиштата се бележат застои, откажани се возови, а во некои градови не сообраќаат автобусите на јавниот превоз. На амстердамскиот аеродром Схипхол се откажани најмалку 800 летови, а над илјада патници ја поминаа ноќта во аеродромскиот комплекс. Холандската Влада им препорача на граѓаните да работат од дома доколку е тоа можно.









