Претседателот на Романија, Никушор Дан, остана заробен на аеродромот во Париз поради обилни снежни врнежи, откако неговиот авион „Спартан“ не можеше да полета ниту синоќа, ниту утрово.
Воениот авион со кој патуваше романската делегација не доби зелено светло за полетување поради прекриена писта, иако беше одмрзнат. Претседателот околу 9:30 часот бил изведен од авионот додека надлежните служби ја чистеле пистата, но снежните врнежи повторно ја оневозможиле операцијата.
Околу 12:00 часот започнале нови операции за одмрзнување на авионот, а се разгледувала и можност за испраќање друг авион за да се овозможи безбедно враќање на Дан во Букурешт.
Претседателот на Романија истакна дека актуелниот „Спартан“ нема модерен систем за комуникација, што го ограничува неговото информирање за важни случувања во земјата. Дан додаде дека поради финансиски причини избрал да патува со овој авион, но призна дека во иднина земјата ќе треба претседателски авион со подобри капацитети за безбедност и комуникација.










