Две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а едно со телесни повреди во сообраќајна несреќа што синоќа се случила на булеварот „Србија“ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според информациите од МВР, на 6 јануари 2026 година околу 21:50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Србија“ се случила сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „даихатсу“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ч. (63) од Прилеп, со престој во Скопје, и трицикл марка „томос“, управуван од М.С. (18) од Скопје.
Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобиле возачот на трициклот М.С. и неговиот сопатник С.Р. (23), додека уште еден сопатник од трициклот, И.С. (19), се здобил со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од СВР Скопје, а се работи на целосно расчистување на случајот.









