Девизните резерви на земјата на крајот од декември 2025 година достигнаа речиси 4,93 милијарди евра, бележејќи месечно зголемување од 63,1 милион евра. Ова го потврдува силниот финансиски столб на земјата и создава сигурност за стабилен девизен курс.
Најголем дел од средствата се вложени во хартии од вредност (74,2%), додека монетарното злато сочинува 16,5%, а валутите и депозитите 9,3%.
Гувернерот Трајко Славески истакна дека резервите се за околу 50% повисоки отколку во 2019 година, што овозможува комфорен буфер за економијата и простор за интервенции на девизниот пазар, ако се појави потреба.
Во моментов, девизните резерви обезбедуваат покриеност на увозот од 4,6 месеци, што е над сите меѓународни препораки. Според Славески, ова ја потврдува стабилноста на економијата и сигурно ја заштитува од потенцијални надворешни шокови.










