Две државјанки на Република Бугарија се осомничени за повеќе кражби во Скопје, при што на нивна сметка се украдени паричници со пари, банкарски картички и документи, а од картичките се обиделе да подигнат дополнителни износи од банкомати.
Првата од осомничените во пет наврати, од кои последниот заедно со другата, крадела паричници од различни лица. Најзначајниот случај се случил на 4 април 2025 година во автобус на ЈСП, на релацијата од поликлиника „Букурешт“ до „Рекорд“. Тогаш од паричникот биле украдени 2.600 денари, банкарска картичка и документи, а од банкомат потоа биле подигнати дополнителни 30.000 денари.
Во август лани во еден скопски трговски центар, осомничената три пати крадела паричници, со што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Од картичките се обидела да повлече дополнителни пари, а кај една оштетена успеала да подигне вкупно 60.000 денари.
Последниот случај се случил на 4 јануари 2026 година, кога двете осомничени заедно во трговски центар украле паричник со предмети во вредност од 3.000 денари. Потоа два пати се обиделе, но безуспешно, да повлечат пари од сметката на оштетената.
Полицијата истражува дали при двата успешни обиди за повлекување пари осомничените го злоупотребиле ПИН-кодот што жртвите, повозрасни лица, го имале запишано во паричниците. Случајот се испитува и за можни елементи на кривично дело – оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. За двете бугарски државјанки предложена е мерка притвор.










