Во трагичниот пожар на новогодишната ноќ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, животот го загубија 40 лица, меѓу кои 26 малолетници на возраст од 14 до 18 години. Но, нови детали околу настанот го зголемуваат гневот и шокот: менаџерката на барот „Ле Констелејшн“, Џесика Морети, наводно е снимена како го напушта објектот со касата полна со пари, додека гостите се обидувале да избегаат од огнените јазици.
Италијанскиот весник „Ла Република“ пишува дека Морети не реагирала на очајните повици за помош и, според сведоци, си заминала со парите, оставувајќи ги десетици луѓе да се борат за живот. Француската државјанка сега е под истрага за убиство од небрежност и нанесување тешки телесни повреди на 119 лица, некои од нив сè уште во критична состојба.
Според првичните истражувања, пожарот можеби бил предизвикан од прскалка на шишиња шампањ што била поставена премногу блиску до таванот. Морети, која претрпела изгореница на раката, можеби се повредила додека се обидувала да ја извади касата, наведува францускиот весник „Паблик“.
Поранешни вработени тврдат дека безбедносните стандарди во барот биле „ужасни“. Противпожарните апарати биле заклучени, а излезите за итни случаи честопати недостапни, што дополнително ја влошило трагедијата.
Семејството Морети во заедничка изјава изрази „скршеност и длабока тага“ поради настанатата трагедија. Тие нагласуваат дека нема да ја избегнат одговорноста и ќе соработуваат со истрагата. „Зборовите не можат да ја опишат трагедијата што се случи таа ноќ во Ле Констелашн“, велат тие.









