Шеснаесетгодишно девојче од село во Општина Липково со месеци било жртва на сексуална злоупотреба, закани и уцени од поголема група лица, информира Алсат.
Според објавените информации, злоупотребата започнала во јуни минатата година, при што осомничените користеле интимни фотографии и видеа за да ја уценуваат малолетничката, принудувајќи ја да им дава пари и да извршува сексуални услуги.
Случајот бил откриен во неформални околности, по што семејството на девојчето поднело пријава до надлежните институции. Според неофицијални информации, пријавата ја поднел таткото, откако дознал за траумата низ која поминувала неговата ќерка.
Полицијата досега привела едно лице – 31-годишен жител на селото Слупчане, кој бил уапсен на 2 јануари во Куманово. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека тој ѝ се заканувал на малолетничката со објавување експлицитни фотографии доколку не му даде пари.
„Се постапува по пријава за упатени закани и уцена кон малолетно лице со цел стекнување противправна имотна корист“, соопштуваат од МВР.
Според досегашните сознанија, во случајот се инволвирани најмалку 17 лица, а истрагата е во тек. Надлежните најавуваат дополнителни приведувања, нагласувајќи дека станува збор за сериозни кривични дела за кои се предвидени затворски казни до 10 години, а во случаи на групно извршување и значително повисоки.










