Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на пуштање во употреба на новата детска градинка „Сончогледи“ во Општина Гевгелија, потенцирајќи дека просемејната политика и грижата за најмладите остануваат еден од клучните приоритети на Владата.

Мицкоски истакна дека инвестициите во предучилишното образование се од суштинско значење за создавање подобри услови за живот и развој на децата, но и за олеснување на секојдневното функционирање на младите семејства.

„Наш приоритет како Влада е просемејната политика и грижата за најмилите. Грижата за најмладите продолжува и понатаму, бидејќи иднината им припаѓа на младите, а наша обврска е да ја направиме таа иднина поперспективна“, нагласи премиерот.
Тој додаде дека со вакви проекти се создава нов квалитет во животот на граѓаните на Гевгелија и се придонесува кон подобри услови за раст и развој на децата, изразувајќи надеж дека и во иднина ќе се реализираат уште многу слични иницијативи низ целата држава.











