Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување на телевизија Алфа остро го критикуваше правосудниот систем, нагласувајќи дека тој е делумно „контаминиран“ од поранешната власт на СДСМ и ДУИ. Според него, најголемиот проблем лежи во тоа што поединци од претходната влада можат да се повикуваат на поповолни закони, создавајќи така правна основа за своја амнестија.
„Генерално, во правосудството има чесни луѓе, но еден мал дел, кој е контаминиран, го нарушува целиот систем. Тоа се партиски послушници – рецидиви на поранешната власт – кои се борат да обезбедат бенефиции и позиции за своите покровители“, изјави Мицкоски.
Тој посочи два клучни моменти кои, според него, ја ослабиле правдата во земјава. Првиот е изборот на судии во парламентот во 1996 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција. Вториот е измената на Кривичниот законик од страна на владата на СДСМ и ДУИ непосредно пред да ја напушти власта. Мицкоски посочи дека особено значајно е бришењето на членот 353, што им овозможило на претходните власти да се амнестираат себеси.
„Првата причина беше да си обезбедат амнестија, а втората – да се обидат да амнестираат некого кој можеше да нанесе штета на најсилната опозициска партија тогаш, ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот дел успеаја, во вториот – не. Денеска ВМРО-ДПМНЕ е поголема од сите политички партии заедно“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека сите од поранешната влада секогаш ќе се повикуваат на „поповолниот“ закон, без оглед на идните законски измени. „Кога ќе дојдат на суд, ќе речат – се повикувам на законот кој важеше тогаш. И тука е најголемиот проблем“, заклучи Мицкоски.










