Албанија се соочува со сериозен бран поплави по денови на интензивни врнежи од дожд, кои веќе однесоа еден човечки живот и предизвикаа прогласување вонредна состојба во повеќе региони од земјата. Најтешко погоден е градот Драч, каде што во населбата Плепава едно лице се удавило – прва потврдена жртва од невремето.
Обилните дождови предизвикаа излевање на реки, поплавување на илјадници хектари земјоделско земјиште, блокирање на патишта и навлегување на вода во стотици домови. Властите алармираат дека состојбата е критична во регионите Скадар, Лежа, Валона, Драч, Фиер, Берат и Ѓирокастро.
Во Скадарскиот регион, водата во селото Обот се издигнала околу 60 сантиметри над главниот пат, при што најмалку 15 куќи се целосно опкружени со вода. Сообраќајот е во прекин во селата Малише и Велики Поле, каде што дополнителна опасност претставуваат лизгањата на земјиштето и активните свлечишта.
Катастрофална е сликата и во Лежа, каде што околу 3.000 хектари обработливо земјиште се под вода. Две семејства се веќе евакуирани, а околу 100 домови се отсечени од пристап поради поплавите.
Во јужниот дел на земјата, реката Валона го надминала критичното ниво и се искачила над осум метри. Во близина на мостот Мифоли и во Новосела, 13 семејства се принудени да ги напуштат своите домови и да бидат сместени во привремени засолништа. Токму жителите на административната единица Новоселе се евакуираат по итна постапка поради висок ризик од нови излевања.
Во Драч, службите непрекинато интервенираат – водата се испумпува од околу 800 куќи и станбени згради, додека улиците на повеќе места наликуваат на канали.
За справување со кризата, ангажирани се околу 150 припадници на вооружените сили, со поддршка на над 20 тешки возила, 10 спасувачки и моторни чамци, како и 15 пумпи за извлекување вода. Надлежните институции порачуваат дека состојбата внимателно се следи и апелираат граѓаните да ги почитуваат сите безбедносни препораки додека опасноста од поплави сè уште трае.










