Во првата недела од 2026 година, во земјава се регистрирани вкупно 1.725 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е зголемување од 2,2 пати во однос на претходната недела, информираше директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Најмногу заболени се пријавени во Скопје, Тетово и Куманово. Според податоците на ИЈЗ, најголем број заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (749), следени од деца на возраст од 5 до 14 години (618), деца до 4 години (229) и лица над 65 години (129).
Андоновска истакна дека е важно граѓаните да се придржуваат до превентивните мерки за да се намали ширењето на вирусот. Таа препорача избегнување на масовни собири и престој во затворени простории со голема концентрација на луѓе, редовно миење на рацете, проветрување на просториите, како и внес на доволно течности и лесна исхрана.
Лицата со симптоми на грип се повикани да останат дома и да се консултираат со матичен лекар, додека родителите се советувани да не ги упатуваат децата со симптоми во училиште или градинка.
Директорката на ИЈЗ најави дека пикот на сезонскиот грип се очекува по завршувањето на зимскиот распуст и со почетокот на второто полугодие во училиштата.









