Снежните врнежи што ја зафатија западна Македонија утрово донесоа и први ограничувања во сообраќајот. Од 05:15 часот е воведена целосна забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Дополнителни проблеми се очекуваат и на јужната граница. Поради најавени протести на грчките земјоделци, од денеска (8 јануари) во 10:00 часот, на граничниот премин Ники, односно Меџитлија, ќе биде забранет сообраќајот за товарни возила во наредните 48 часа. Ограничувањето ќе важи до 10 јануари во 10:00 часот, додека патничките возила ќе можат непречено да сообраќаат.
Во меѓувреме, сообраќајот на државните патишта се одвива во типични зимски услови, по претежно влажни коловози. Снег со повремен и променлив интензитет паѓа во Куманово, Страцин, Крушево и Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Засега, овие врнежи не создаваат сериозни пречки за одвивање на сообраќајот.
Надвор од градските средини, интензитетот на сообраќајот е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да бидат особено внимателни, да ја приспособат брзината кон условите на патот и строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација. Посебно внимание се препорачува на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои зголемен ризик од одрони. Како критични се посочуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.










