Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, денес упати предупредување за кревкоста на европскиот политички систем, истакнувајќи дека „денешниот поредок е под закана“. Иако, како што додаде, „европската цивилизација нема да исчезне“, Баро посочи дека стабилноста на континентот, која долго време се сметаше за темел на безбедноста и просперитетот, сега се соочува со сериозни предизвици.
Во својот годишен говор пред француските амбасадори, министерот потсети на влијанието и богатството на Европа – од научни и технолошки достигнувања до културни и финансиски ресурси – но истовремено го потенцираше ризикот за политичката структура на континентот. Коментарите на Баро доаѓаат во контекст на новата стратегија за национална безбедност на САД, која предвидува можност за „цивилизациско бришење“ на Европа, сценарио што дополнително ја нагласува чувствителноста на сегашниот европски поредок.









