Пешак е тешко повреден денеска околу пладне во сообраќајна несреќа на скопската улица „Народен фронт“, во близина на трговскиот центар „Зебра“, откако во него удрил автомобил чиј возач веднаш побегнал од местото.
На терен интервенираше полицијата која го обезбедуваше местото на настанот, додека повредениот беше итно пренесен во болница. На коловозот се забележуваат остатоци од возилото – скршен ретровизор и пластични делови, како и траги од крв, што укажува на сериозноста на ударот.
Поради увидот, сообраќајот во овој дел од улицата се одвиваше по една коловозна лента и беше значително отежнат, особено затоа што од едната страна има паркирани возила.
Несреќата се случила на дел од улицата каде нема обележан пешачки премин, но станува збор за локација која често ја користат пешаци, бидејќи во близина се наоѓаат детско игралиште и клупи за одмор, поради што фреквенцијата на движење е голема.
Полицијата работи на идентификување на возачот и на утврдување на сите околности под кои се случила несреќата, а повеќе информации се очекуваат во текот на денот.










