Полошкиот регион е во алармантна состојба поради силното невреме кое го погоди денеска. Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на водотеци, поплавување на земјоделски површини и оштетување на патната инфраструктура. Голем број ниви се под вода, а сообраќајот на локалните патишта е сериозно отежнат, додека жителите се соочуваат со значителни материјални штети.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, во Тетово и околината се пријавени уривања на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници вршат увид на терен, додека општинската механизација е ангажирана за расчистување на свлечишта и санација на штетите. Слична е ситуацијата и во Гостивар, каде се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата на Водостопанство отстранува свлечишта и работи на санација на штетите.
Најкритични точки се патниот правец помеѓу селата Форино и Тумчевиште, каде сообраќајот е значително отежнат, како и реките Лакавичка во Мало Турчане и Сушичка во Горна Бањица, кои се излеале и предизвикале поплави на земјоделски парцели и дворови во Балин Дол, Бањица и Мало Турчане. Во коритото на Вардар во Форино е забележано и паднато дрво, а надлежните служби постојано ја следат состојбата и преземаат соодветни мерки за заштита на граѓаните и инфраструктурата.










