Министерството за финансии ја извести јавноста дека од Буџетот е исплатена нова транша кон Развојната банка за поддршка на домашните компании во износ од 424,9 милиони денари, односно околу 6,9 милиони евра. Со оваа исплата, вкупната државна поддршка достигна 13,8 милијарди денари, или 224,3 милиони евра, од вкупно планираните 250 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка и се наменети за реализација на приватни инвестиции, со цел поттикнување на развојот на домашните компании и економскиот раст. Пласманот се реализира преку деловните банки, со поволни услови – каматната стапка изнесува 1,95% годишно, а рокот на отплата е до 15 години со грејс период до 3 години.
„Вкупниот буџет предвиден за поддршка на домашните компании е 250 милиони евра, додека вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, соопшти Министерството за финансии, истакнувајќи дека државата активно ги вложува средствата за поттик на економскиот раст и одржлив развој на домашниот бизнис сектор.









