Тежок инцидент се случи ноќеска во скопската населба Карпош, при што е повреден полициски службеник. СВР Скопје информираше дека се уапсени двајца 16-годишни малолетници по брканица низ булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Инцидентот се случил десет минути по полноќ, кога полициска патрола се обидела да запре мотоцикл кој се движел без регистарски ознаки. Наместо да застане, возачот-малолетник дал гас и со моторот удрил во еден од полицајците, нанесувајќи му телесни повреди.
Од полицијата велат дека апсењето не поминало мирно.
„Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници“, се наведува во официјалното соопштение на МВР.
Двајцата малолетници се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.










