Анкара — Три најзначајни муслимански држави — Турција, Саудиска Арабија и Пакистан — водат напредни разговори за формирање нов безбедносен блок, кој турските медиуми го нарекуваат „исламско НАТО“, со цел зајакнување на колективната одбрана и билатералната соработка.
Според извори на Блумберг, преговорите меѓу трите земји се во напредна фаза, а договор за создавање на одбрамбена алијанса е многу веројатен. Ако се реализира, оваа иницијатива би можела да предизвика значително прегрупирање на безбедносните сили на Блискиот Исток и во поширокиот регион.
Идејата за соработка меѓу Турција, Саудиска Арабија и Пакистан следи по потпишувањето на одбранбениот пакт меѓу Саудиска Арабија и Пакистан во септември минатата година, кој содржи клаузула за колективна одбрана слична на Член 5 од Статутот на НАТО — механизам што Турција веќе го познава како долгорочен член на Алијансата и една од најсилните воени сили во неа.
Иако деталите за новата алијанса сѐ уште не се дефинирани, официјалните воени и политички интереси на трите земји се сѐ повеќе усогласени во региони како Јужна Азија, Блискиот Исток и Африка. Аналитичарите укажуваат дека секоја од земјите носи уникатни ресурси во можното партнерство: Саудиска Арабија со големите финансиски средства, Пакистан со нуклеарни капацитети, балистички ракети и голем воен персонал, и Турција со богато воено искуство и развиена одбранбена индустрија.
Анкара ја гледа оваа соработка и како начин за јакнење на сопствената безбедност, особено во услови на неизвесност околу стратешките приоритети на Соединетите Американски Држави и нивната посветеност на НАТО под раководство на претседателот Доналд Трамп.
Исто така, можното зајакнување на врските со Саудиска Арабија укажува на нова фаза во односите меѓу двете земји по години тензии. Во последниве години, економската и воената соработка меѓу Анкара и Ријад значајно се интензивираа, што го вклучи и одржувањето на првиот заеднички поморски состанок во Анкара оваа недела.
Турција и Пакистан, пак, веќе имаат долгогодишни блиски воени односи, со заеднички проекти во модернизација на воени авиони, соработка во развој на беспилотни летала и заеднички воени вежби.
Доколку иницијативата напредува, можеби ќе се отвори нова страница во регионалната безбедносна архитектура што би ги рефлектирала заедничките интереси на исламскиот свет.










