Од 12 до 14 јануари, Вевчани повторно ќе стане центар на карневалските случувања во Македонија, со ново издание на прочуениот Вевчански карневал, манифестација што со векови ја негува традицијата, хуморот и слободата на изразување.
Со звуците на тапаните и зурлите и со маски кои носат и смеа и порака, во Вевчани годината не започнува со календарот, туку со празникот Свети Василиј, како што го нарекуваат „Свети Васиља“. Карневалот, кој се пренесува од генерација на генерација повеќе од 1.400 години, претставува редок пример на жива традиција што опстојува и се обновува секоја година.
Градоначалникот Спасе Кочовски посочува дека маските не се само средство за критика, туку и начин за забава и дружење. Преку нив, учесниците и посетителите ја коментираат реалноста, општествените појави и секојдневните проблеми на духовит и препознатлив начин.
Карневалот има длабока социјална и културна улога, бидејќи овозможува заедницата јавно да ги изрази своите ставови и грижи, но низ хумор и сатира. Маските се алатка за слободен говор, а смеата е начин да се растовари притисокот од секојдневието.
Организаторите и оваа година најавуваат богата програма со многу музика, игра, оригинални маски и препознатливиот вевчански дух и гостопримство. „Вевчанскиот карневал 2026“, кој е заштитено нематеријално културно наследство, се очекува повторно да привлече илјадници посетители од земјата и од странство.










