Во трговскиот центар „Космос“ во Солун вчера попладне се случи инцидент кога значителен дел од таванот во едно од деловите на објектот изненадно се урна, при што е повредена жена, јавуваат грчките медиуми.
Според објавените информации, 45-годишна жена се здобила со повреди на главата и вратот, откако парчиња од таванската конструкција паднале во време кога во локалот за храна каде што се случил инцидентот имало многу посетители.
На местото на настанот владала паника, а обезбедувачката служба поставила преносни завеси околу повредената додека не пристигнале екипите на итна помош. Жената била итно пренесена со амбулантно возило до болницата „Папагеоргиу“ во Солун, каде што ѝ е укажана лекарска помош.
Инцидентот го снимиле посетители и снимките се шират на социјалните мрежи, прикажувајќи делови од урнатата конструкција и исплашени луѓе околу местото на настанот.
Засега нема потврда дали ќе следат истраги или дали има обвиненија против сопствениците на објектот или одговорните за одржување, а официјални информации од властите допрва се очекуваат.










