Министерството за здравство објави нацрт-закон за заштита од пушењето, кој предвидува значајни новини и најстроги рестрикции до сега во однос на употребата, продажбата и рекламирањето на тутунски и никотински производи.
Со предложените измени се предвидува целосна забрана за пушење во и пред многу јавни и работни простори, вклучувајќи ги здравствените установи, училиштата, установите за социјална заштита, културните и рекреативните центри, како и простории на државните и локалните институции.
Една од најзначајните новини е забраната за пушење во приватно возило кога во него се наоѓа дете, како и забрана за електронски цигари со вкусови или ароматизирани никотински производи. Овие ограничувања, доколку предлог-законот биде усвоен, ќе важат и за сите видови електронски цигари и уреди за вапење.
Пушењето ќе биде забрането и во сите видови јавен превоз, вклучувајќи автобуски, железнички и воздушен сообраќај, како и на јавни места со голема фреквенција на луѓе, како пазари, жичари и пристаништа. Покрај тоа, забрането ќе биде и рекламирањето, промоцијата и спонзорството од страна на тутунската индустрија во медиумски и интернет содржини.
Предлог-законот, кој произлегува од Министерството за здравство, е веќе објавен на електронскиот регистар ЕНЕР и наскоро треба да биде ставен на јава дебата пред усвојување.
За непочитување на одредбите се предвидени строги казни: физички лица може да добијат глоба од 150 до 300 евра (или 100 евра ако казната се плати на лице место), додека правните лица се соочуваат со казни од 2.000 до 5.000 евра, зависно од нивната големина










