Американскиот претседател Доналд Трамп наводно им наложил на воените лидери на САД да изготват план за можно преземање на Гренланд, објави британскиот таблоид „Дејли мејл“, повикувајќи се на свои извори.
Според написот, информацијата предизвикала вознемиреност кај европските влади, кои стравуваат дека администрацијата на Трамп би можела да дејствува во краток временски рок. Во текстот се наведува дека европските претставници сметаат оти за Трамп „прозорецот на можности“ се затвора со приближувањето на американските меѓуизбори, поради што евентуални потези би можеле да следат порано од очекуваното.
Како можен момент за дипломатско решение, „Дејли мејл“ го посочува Самитот на НАТО закажан за 7 јули, кој, според изворите на весникот, би можел да биде искористен за постигнување компромисен договор меѓу САД и европските сојузници.
Во анализата се наведува дека реална воена интервенција се смета за малку веројатна, а како поверојатно сценарио се споменува економски договор, односно евентуална продажба или отстапки од страна на Данска, под чиј суверенитет се наоѓа Гренланд.
Ниту Белата куќа, ниту Пентагон, ниту данските власти засега не ја потврдиле информацијата, а експертите предупредуваат дека ваквите извештаи треба да се третираат со претпазливост, имајќи го предвид изворот и чувствителноста на темата.









