Голем инцидент се случи вчера пред иранската амбасада во Лондон, кога маж се искачи на фасадата на објектот и го симна официјалното знаме на Исламската Република Иран, по што на негово место истакна друго знаме поврзано со иранската опозиција.
Настанот е снимен и објавен на социјалните мрежи, каде што предизвика големо внимание и бројни реакции. Според објавите, станува збор за ирански државјанин и искусен алпинист, кој со ваквиот чин сакал да испрати политичка порака против актуелниот режим во Иран.
Засега нема официјална потврда од британските власти за мотивите на лицето, ниту за тоа дали има приведувања или поднесени обвиненија. Полицијата била присутна на местото на настанот и ја следела ситуацијата.
Инцидентот доаѓа во период на зголемени тензии и протести поврзани со состојбите во Иран, а ваквите акции пред дипломатски објекти во странство често предизвикуваат и дипломатски реакции.
Од иранската амбасада засега нема официјален коментар за случувањето.










