Документ од 1934 година, издаден од властите на Австралија, повторно го отвори прашањето за самоидентификацијата на македонските иселеници во првата половина на 20 век.
Станува збор за официјален документ поврзан со постапка за добивање австралиско државјанство на Атанас Васил Делјанис, македонски иселеник, кој пред надлежните институции јасно изјавил дека е Македонец. Во документот, тој наведува дека неговото име е запишано во грчка форма не по личен избор, туку под присила.
Според содржината, Делјанис објаснил дека вистинската национална припадност и идентитет му се македонски, а формата на името била наметната поради политичките и општествени услови во регионот од каде што потекнувал.
Документот, кој потекнува од Attorney-General’s Department – Investigation Branch и е датиран од ноември 1934 година, денес се користи како историски доказ за континуитетот на македонската национална свест меѓу иселениците, особено во период кога националното изјаснување често било оневозможено или санкционирано.
Историчарите и истражувачите посочуваат дека ваквите архивски материјали се значајни за разбирање на положбата на Македонците во дијаспората и притисоците со кои се соочувале во процесот на емиграција и интеграција во нови држави.










