Во Франција стартува регрутацијата за новиот доброволен воен рок, кој има за цел да ангажира 3.000 млади доброволци во првата година, а бројот постепено да се зголеми на 10.000 годишно до 2030 и на 42.500 до 2035 година.
Програмата е отворена за лица на возраст од 18 до 25 години, кои ќе добиваат месечна плата од 800 евра. По едномесечната основна обука, доброволците ќе бидат распоредени во воена единица на девет месеци и ќе ги извршуваат истите должности како активниот воен персонал, без планирани распоредувања во странство.
Кандидатите можат да аплицираат онлајн за копнената војска, воздухопловството или морнарицата, или да се обратат во регионален центар за регрутација.
Претседателот Емануел Макрон истакна дека иницијативата е наменета за зајакнување на професионалните вооружени сили и создавање комбинација од професионални војници и доброволци, што ќе овозможи поголема подготвеност во неизвесна глобална средина.
Професионалната француска армија брои околу 200.000 војници, поддржани од 47.000 резервисти.










