Физичка пресметка меѓу две жени била регистрирана вчера околу пладне во трговски центар на подрачјето на Општина Центар во Скопје, по што двете учеснички меѓусебно поднеле пријави во полиција.
Според информациите од СВР Скопје, настанот се случил околу 12:20 часот, кога 41-годишната С.К.П. пријавила дека била физички нападната од 56-годишната М.Д. Во текот на инцидентот, со М.Д. било присутно и машко лице кое, според пријавата, го снимало настанот со мобилен телефон.
Подоцна истиот ден, и 56-годишната М.Д. поднела пријава во полиција, тврдејќи дека токму таа била физички нападната од С.К.П.
Од СВР Скопје информираат дека се преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите релевантни околности околу инцидентот.









