Кипарските власти водат интензивна истрага за пронаоѓање на 56-годишниот руски бизнисмен Владислав Баумгертнер, поранешен извршен директор на рускиот гигант за вештачки ѓубрива „Уракали“. Според официјалните податоци, Баумгертнер од средата, 7 јануари 2026 година, се води како исчезнат од својот дом во близина на Лимасол.
Кипарската полиција вчера објави соопштение со фотографија и детали за Баумгертнер, повикувајќи граѓаните да дадат информации кои би можеле да помогнат во неговото пронаоѓање. Според медиумите, исчезнувањето било пријавено од неговата вработена, која соопштила дека бизнисменот не одговарал на телефонските повици.
Во потрагата учествуваат припадници на локалната полиција, Одделот за истраги и спасување од Лимасол, волонтери, како и хеликоптер и дронови. Фокусот на истрагата вчера бил западниот дел на Лимасол и областа Писури, каде што бил откриен последниот сигнал на неговиот мобилен телефон.
Истражувањата на кипарските медиуми истакнуваат дека Баумгертнер има бурна историја во бизнисот. Во 2013 година бил уапсен на аеродромот во Минск и обвинет за злоупотреба на власт, по што бил екстрадиран во Москва, каде му бил определен домашен притвор пред да биде разрешен од „Уракали“. Иако обвиненијата против него беа повлечени во 2015 година, случајот се сметаше за политичко заложништво во односите меѓу Русија и Белорусија. Подоцна, Баумгертнер го презел раководството на компанијата „Глобал Портс“ и последните години живеел на Кипар.
Во меѓувреме, на Кипар беше регистриран уште еден инцидент со руски државјанин, неповрзан со исчезнувањето на Баумгертнер. Во четвртокот, во руската амбасада во Република Кипар, бил пронајден мртов еден од вработените, А.В. Панов, кој починал на 8 јануари 2026 година. Амбасадата соопшти дека работи на обезбедување на брза репатријација на неговото тело, додавајќи дека семејството и пријателите добиле целосна поддршка.










