Цената на златото продолжува да расте и денес достигна историски рекорд од 4.620 долари за унца, бидејќи инвеститорите бараат безбедни засолништа поради зголемените геополитички тензии и загриженоста околу независноста на Федералните резерви на САД (ФЕД).
Златото порасна откако претседателот на ФЕД, Џером Пауел, откри дека се соочува со можни кривични обвиненија поради сведочењето пред Сенатот минатиот јуни, што го оцени како дел од притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп врз централната банка да ги намали каматните стапки, објави „Трејдинг економикс“.
Дополнителен фактор за растот е очекувањето за понатамошно намалување на каматните стапки во САД, откако податоците од декември покажаа дека растот на работните места е послаб од очекуваното. Трговците сега сметаат на две намалувања на каматните стапки оваа година, иако се предвидува ФЕД да ги остави непроменети на претстојниот состанок.
Пазарите внимателно ја следат и овагодишната инфлација во САД, како индикатор за идниот курс на монетарната политика на централната банка.










