Управата за јавни приходи (УЈП) предупредува дека сите правни и физички лица кои во текот на 2025 година оствариле промет повисок од 2.000.000 денари од оданочиви добра и услуги имаат законска обврска да поднесат Пријава за регистрација за данокот на додадена вредност (ДДВ).
Оваа обврска не се однесува само на фирмите, туку и на физички лица кои вршат различни активности: изнајмување деловен простор, давање на менаџерски, правни, економски, инженерски или занаетчиски услуги, држење приватни часови, продажба на земјоделски производи или друг оданочив промет. Ако нивниот промет надминува законскиот праг, регистрацијата за ДДВ е задолжителна.
Во пресметката на прометот за ДДВ, УЈП ја исклучува продажбата на услуги и добра кои се ослободени од данок без право на одбивка. Меѓу нив се: изнајмување на станбени објекти, здравствени услуги, услуги на осигурување, изучување странски јазици, меѓународен превоз на патници и други слични. Исто така, прометот кон странски даночни обврзници за услуги кои не се предмет на ДДВ не се вклучува.
За оние чии дејности траеле само дел од годината, прометот се пресметува пропорционално: се зема просечниот месечен приход и се множи со 12. Ако така пресметаниот годишен промет надмине 2 милиони денари, регистрацијата е задолжителна.
Пријавите за регистрација, како и оние за доброволна регистрација, треба да се поднесат најдоцна до 15 јануари 2026 година. Ова може да се направи електронски преку системот e-Tax, лично во организациските единици на УЈП или по пошта. Физичките лица кои се ДДВ обврзници треба да поседуваат дигитален сертификат на USB токен за електронско поднесување.
Во исто време, даночните обврзници кои не оствариле промет над законскиот праг и кои се регистрирани најмалку три години, можат да поднесат барање за отповикување на ДДВ регистрацијата (образец ДДВ-01Б), исто така до 15 јануари 2026 година.









