Изминативе денови државата се соочуваше со невреме кое остави сериозни последици, особено во Југозападниот регион. Градовите Кичево и Охрид беа најтешко погодени – под вода завршија цели домови, дворови, гаражи и подруми. Ситуацијата, сепак, полека се стабилизира, информираат од Центарот за управување со кризи.
Екологистите предупредуваат дека ова не е изолирана појава. Интензивните врнежи и екстремните климатски појави се последица на глобалните климатски промени, кои државата ги чувствува веќе години. Според нив, иднината носи сè повеќе екстреми – поплави, но и сушни периоди – и затоа се неопходни сериозни инвестиции за заштита на луѓето и економијата.
Меѓу позитивните моменти од последните врнежи е растот на водостојот на Преспанското езеро. Од ноември 2025 година до почетокот на јануари 2026, нивото на езерото пораснало за 48 сантиметри. Иако сè уште е далеку од посакуваното ниво, ова зголемување носи умерен оптимизам за иднината на езерото, по години на песимистички прогнози.









