Главната расправа за трагедијата во дискотеката „Пулс“ е одложена и ќе продолжи на 26 јануари, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. Рочиштето што беше закажано за утре е отповикано по барање на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која е бранителка на еден од обвинетите.
Причината за одлагањето е тоа што Јошевска-Анастасовска од вчера е избрана за членка на Судскиот совет, поради што, согласно закон, повеќе не може да ја извршува адвокатската дејност. Судот оцени дека на обвинетиот мора да му се овозможи да ангажира нов бранител и да му се даде разумен рок новиот адвокат да се запознае со предметот.
Од Кривичниот суд информираат дека одлуката се однесува само на утрешното рочиште, додека сите досега одржани расправи и изведени докази остануваат важечки, а постапката продолжува на веќе утврдениот термин – 26 јануари.
Сузана Јошевска-Анастасовска беше избрана за членка на Судскиот совет на вчерашната седница на Собранието, заедно со вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Судењето за „Пулс“ се наоѓа во доказна постапка и требаше да продолжи со сослушување на законските застапници на оштетените. На почетокот на процесот, сите 35 обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни, иако дел од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите.
Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев посочи дека постапката има цел да утврди и индивидуална и институционална одговорност, нагласувајќи дека трагедијата е резултат на долгогодишни системски пропусти и недостиг на контрола. Одбраната, пак, тврди дека станува збор за институционален неуспех, а не за поединечна вина.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група „ДНК“, кога во објектот имало повеќе посетители од дозволеното, биле користени пиротехнички средства без одобрение, а локалот со години работел без исполнети минимално-технички и противпожарни услови.










