Промените во раководството на општинската организација на СДСМ Битола се извесни по оставката на актуелниот претседател Методија Куновски, меѓутоа поставувањето на Драган Крајовски за член на Извршниот одбор на СДСМ, ја отвори дилемата кај членството и јавноста дали лица од опкружувањето на Крајовски ќе ги заземат челните позиции во општинската организација на СДСМ Битола.
Дилемата е поставена особено вечерва откако се објавија фотографии на Филипче со Драган Крајовски и сопартијци од Битола на вечерашниот новогодишен коктел на СДСМ во Скопје.
На фотографијата со Филипче и Крајовски се неколкумина битолчани меѓу кои Томислав Велковски, инаку координатор на Реон 1 во партиската структура на СДСМ, Весна Баковска која во изминатиот период беше ангажирана како портпарол на општинската организација, Игор Огненов, Пеце Шерметовски и долгогодишниот советник во Советот на Општина Битола Борче Корлевски.
Објавената фотографија го поттикна прашањето кој ќе биде новиот претседател на ОО на СДСМ Битола, а кој новиот секретар на општинската. Познавачи на приликите во СДСМ Битола за АПЛА велат дека најголеми шанси да напредуваат имаат Велковски и Баковска.
Односно Томислав Велковски за претседател, а Весна Баковска за секретар на општинската организација. Борче Корлевски е кум на Крајовски и неговите шанси за локален лидер се сведуваат на минимум ако се земе предвид фактот дека претседателот Венко Филипче решително се спротивстави на непотизмот кога Методија Куновски беше кандидат за градоначалник, а неговата батучетка Мирјана Захариевска – Ралевска беше ставена на листата за советниците на последните локални избори и тоа на добитна позиција. Така Филипче прати нова листа од која ја тргна братучетката на Куновски.
АПЛА го праша претходно Драган Крајовски – Дали Томислав Велковски ќе биде новиот локален лидер на СДСМ Битола и кога ќе се бира новото раководство? – Крајовски кажа дека се уште нема ништо околу таа процедура.
Инаку локалното раководство на ОО на СДСМ Битола се очекува да биде поставено по Конгресот на СДСМ најавен кон крајот на овој месец.
Драган Крајовски беше избран за нов член на Извршниот одбор на СДСМ и тој е единствениот битолчанец во реформираниот тим на Венко Филипче, откако од местото потпретседател беше разрешен Методија Илиевски. Оттука е извесно дека Крајовски ќе има влијание околу изборот на новото раководство на СДСМ Битола.
Крајовски има “турбулентна“ партиска биографија за млад човек. Тој во март 2022 година беше назначен за лидер на ОО на СДСМ Битола, за потоа да биде разрешен во октомври 2024 година од самиот Венко Филипче. Тогаш Филипче за претседател на ОО на СДСМ го избра Методија Куновски. Четиринаесет месеци подоцна Филипче го враќа Крајовски на „голема“ врата во партијата. Со што гo заслужи Крајовски ваквиот кам-бек во високите структури на партијата се прашуваат и негови блиски сопартијци.









