Националниот парк Шар Планина најави дека во текот на 2026 година ќе започне продлабочена соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД) со цел унапредување на мониторингот на балканскиот рис и популациите на дива коза на овој планински масив. Во рамки на оваа соработка, следењето и набљудувањето на дивите животни ќе се одвива со значително зголемен број видеокамери и фотозамки распоредени на повеќе локации.
Со поддршка од проектот на ПОНТ, Националниот парк набавил дополнителна опрема за мониторинг, која ќе овозможи попрецизно следење на движењата и бројноста на дивиот свет. Заедно со МЕД, фотозамки веќе се поставени низ целиот масив на Шара, со цел прибирање релевантни демографски податоци за балканскиот рис, еден од најзагрозените големи ѕверови во Европа.
Особено значајни се податоците за потврдената репродукција на рисот во 2025 година, кога е регистрирана женка со младенче. Овие информации ќе бидат внесени во регионалната база на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која од 2006 година ги евидентира сите релевантни наоди за Македонија, Албанија и Косово.
Од Националниот парк Шар Планина информираат дека со новата соработка дополнително се надградува системот за мониторинг кој установата го спроведува веќе трета година по ред. Во 2024 година, ренџерската служба со камера го лоцираше рисот на локацијата Долна Лешница, што претставуваше уште една потврда за неговото присуство во овој дел од планината.
Според проценките, на планините, особено во западниот дел на државата, живеат околу 40 единки на балканскиот рис. Нивното присуство во последните две децении се евидентира преку видеокамери поставени на десетици локации во националните паркови Шар Планина, Маврово и Пелистер, како и на Илинска планина, Јабланица, Галичица и во заштитеното подрачје Јасен.










