Германија утре ќе распореди војници во Гренланд во рамки на заедничка европска мисија за проценка на безбедносната состојба во регионот, објави германскиот весник „Билд“, а информацијата подоцна беше потврдена и од германското Министерство за одбрана.
Според официјалното соопштение, Берлин ќе испрати 13 припадници на Бундесверот на извидувачка мисија што ќе трае до сабота. Мисијата се реализира на барање на Данска и во соработка со други европски земји, а нејзина цел е да се проценат можните воени придонеси за зајакнување на безбедноста на Гренланд и поширокиот арктички регион, вклучувајќи и поморски надзор.
Претходно, данските вооружени сили најавија „проширено воено присуство во и околу Гренланд“, кое ќе опфати авијација, морнарица и сили на сојузничките земји. Според „Билд“, операцијата е координирана од Копенхаген, без директно учество на структурите на НАТО, а во неа не се вклучени Соединетите Американски Држави.
Германските медиуми наведуваат дека и други европски членки на НАТО би можеле да се приклучат, а Германија потенцијално би учествувала со планински трупи, морнарица и воздухопловни сили. Гренланд се разгледува и како можна база за распоредување на новиот поморски патролен авион „Посејдон“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во текст за „Ди Цајт“ повика НАТО да го заштити Гренланд и арктичкиот регион од, како што наведе, потенцијална руска и кинеска агресија, што дополнително го засили фокусот на европските земји кон безбедноста на далечниот север.










