Данска не успеала да ја промени позицијата на Соединетите Американски Држави во однос на Гренланд, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен по разговорите во Вашингтон со американските претставници.
На заедничка прес-конференција со министерката од Гренланд, Вивиан Моцфелт, Расмусен изјави дека разговорите биле отворени, но без суштински напредок. Тој нагласи дека Данска јасно ја отфрлила идејата САД да преземат сопственост или контрола врз островот.
„Претседателот има желба Гренланд да биде под американска контрола, но ние јасно ставивме до знаење дека тоа не е во интерес на Кралството Данска“, изјави Расмусен.
Тој додаде дека Данска и Гренланд не гледаат закани од Русија или Кина кои не би можеле сами да ги менаџираат и дека секое идно решение мора да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска.
Расмусен призна дека безбедносната ситуација на Арктикот се променила и дека периодот на стабилност е завршен, но нагласи дека тоа не оправдува сценарио во кое САД би го „поседувале“ Гренланд. Според него, соработката со Вашингтон е добредојдена, но мора да се темели на меѓусебна почит.
Министерката од Гренланд, Вивиан Моцфелт, порача дека островот е отворен за соработка со САД, но дека тоа не значи прифаќање на американска сопственост или губење на автономијата.
Во меѓувреме, Европскиот парламент изрази силна поддршка за Данска и Гренланд, оценувајќи дека секој обид за нарушување на нивниот суверенитет е спротивен на меѓународното право.
Тензиите дополнително ги зголеми американскиот претседател Доналд Трамп со објава на социјалните мрежи, во која побара НАТО да ја „заштити“ Данска од, како што наведе, руско и кинеско присуство во регионот.








