Бран на гнев и тага ја преплави Швајцарија откако францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ објави карикатура поврзана со една од најцрните трагедии што ја погоди земјата во поново време – смртоносниот пожар во скијачкиот центар Кран-Монтана. Карикатурата, која многумина ја оценија како цинична и длабоко навредлива, сега е предмет на кривична пријава поднесена од швајцарски адвокат и неговата сопруга.
Трагедијата се случи на новогодишната ноќ, кога во пожар во бар во Кран-Монтана животот го загубија 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени. Додека земјата се подготвуваше да оддаде почит на жртвите, на денот прогласен за национална жалост, „Шарли Ебдо“ ја објави спорната илустрација: двајца изгорени скијачи, поставени покрај патоказ со името на летувалиштето, проследени со натписот „Les brûlés font du ski“ – мрачна игра на зборови со насловот на популарната француска комедија од 1979 година „Les Bronzés font du ski“. Во аголот на карикатурата стои и ироничниот коментар: „комедија на годината“.
Реакциите беа бурни и непосредни. Во јавноста се крена силен отпор, а двојката од Швајцарија поднесе жалба до државното обвинителство во кантонот Вале, насочена и кон редакцијата на списанието и кон карикатуристот Ерик Салч. Според нив, објавата не е сатира, туку прекршување на швајцарскиот кривичен закон: таа, како што наведуваат, прикажува насилство, го гази достоинството на жртвите и ја сведува човечката трагедија на евтин хумор.
Случајот добива дополнителна тежина поради симболиката на времето. Контроверзната карикатура беше објавена само неколку дена по одбележувањето на 11-годишнината од терористичкиот напад врз „Шарли Ебдо“ во Париз, кога во 2015 година беа убиени 12 лица. Тоа повторно ја разгоре старо-новата дебата: каде завршува слободата на изразување, а каде започнува одговорноста кон жртвите и општеството?
Во своето барање, подносителите не застануваат само на симболичен протест. Тие инсистираат на покренување кривична истрага, а во случај на осудителна пресуда – и на исплата на обештетување, кое би им било доделено на сите погодени од трагедијата во Кран-Монтана. Случајот најавува ново судско и општествено соочување со прашањето што сатирата смее, а што не – особено кога болката сè уште е свежа.










