Во Клубот на пратениците денеска започна лидерската средба свикана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која се собраа претставници од власта и опозицијата, но без учество на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Покрај Мицкоски, на состанокот присуствува и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Од владиното мнозинство на средбата се и генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и градоначалникот на Тетово и претставник на коалицијата ВРЕДИ, Биљал Касами.
Опозицијата е претставена од лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети. Едно столче остана празно за Венко Филипче, кој го одби повикот и не дојде на средбата.
Според најавите, лидерите ќе разговараат за реформските закони во правосудството, изборот на народен правобранител, измените на Изборниот законик и можноста за укинување на техничката влада, како и за други теми што ќе ги отворат учесниците.










