Од четврток, во централните делови на Рим ќе стапи на сила ново ограничување на брзината од 30 километри на час, со што италијанската престолнина прави значаен чекор кон побезбеден и поеколошки сообраќај.
Мерката ќе важи за зоната со ограничен сообраќај (ZTL) во историското градско јадро, како и за уште околу 1.000 градски улици. Целта е да се намали бројот на сообраќајни несреќи, да се подобри безбедноста на пешаците и велосипедистите и да се намали загадувањето на воздухот.
Како пример за ваков пристап се наведува Болоња, која пред две години воведе ограничување од 30 километри на час на поголемиот дел од својата патна мрежа, и покрај противењето на централната власт. Според градските власти, мерката довела до значително намалување на несреќите без забележливо продолжување на времето на патување, пренесува италијанската новинска агенција ANSA.









