Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, со остра реакција порача дека секој правен и уставен експеримент ѝ носи повеќе штета отколку корист на државата, нагласувајќи дека импровизациите во системот создаваат дисфункционалност, а не квалитет.
Според Вељаноски, искуството покажало дека и техничката влада и Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не биле воведени заради унапредување на правдата или демократијата, туку како ад-хок механизми со јасна политичка цел. Тој тврди дека нивната примарна намена била политичка – инсталирање на СДСМ на власт и спроведување на идејата за промена на уставното име на Република Македонија.
„Треба да говориме отворено и без лажни наративи. Граѓаните не смеат повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните ‘благодети’ на ваквите решенија“, наведува Вељаноски.
Тој оценува дека СЈО веќе завршило како неуспешен проект, „на буништето на историјата“, и повикува истата судбина итно да ја доживее и техничката влада. Според него, на Македонија ѝ е потребен стабилен и функционален систем, а не, како што вели, „вечни изнудени експерименти“ кои го нарушуваат нормалниот парламентарен и правен поредок.










