Во Саудиска Арабија тивко, но забележливо се случува една од најголемите промени во јавното здравје во последната деценија. Само во текот на минатата година, околу 300.000 луѓе се откажале од пушењето – бројка што ја отсликува растечката подготвеност на општеството да се сврти кон поздрав начин на живот и директно се вклопува во целите на националната програма „Визија 2030“.
Јавните кампањи, зголемената свесност за здравствените ризици и промената на животните приоритети создаваат амбиент во кој пушењето сè почесто се доживува како навика од минатото. Според податоците на саудиската компанија за никотински алтернативи „Бадаел“, бројот на луѓе кои успешно се откажале од пушење се зголемил од околу 400.000 на почетокот на 2025 година, на 700.000 до крајот на истата година. Особено значајно е што 200.000 од нив подоцна целосно се откажале и од никотинот, вклучително и од алтернативните производи.
Овој тренд не е изолиран случај. Меѓународните истражувања на Светската здравствена организација покажуваат дека сè поголем број пушачи го напуштаат тутунот постепено, често преку помалку штетни алтернативи, пред целосно да ја прекинат зависноста. И Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот го препознава пристапот на намалување на штетата како еден од патиштата кон трајно откажување – доколку се применува одговорно.
Зад статистиката стојат лични приказни. Ахмед Ал-Омари, 32-годишник кој пушел повеќе од една деценија, вели дека одлуката ја донел кога почнал сериозно да ги чувствува последиците.
„Сфатив дека пушењето ми ја црпи енергијата и ми го отежнува дишењето. Откако престанав, не само што не ми недостасуваат цигарите – не сакам ни да го почувствувам мирисот на никотин“, раскажува тој.
Научните докази го потврдуваат токму ваквиот пристап. Истражувањата објавени во базата на податоци „Кокрејн“ укажуваат дека откажувањето е поуспешно кога е поттикнато од лична мотивација и желба за подобар квалитет на живот, наместо од пораки засновани на страв. Здравствените експерти во Саудиска Арабија забележуваат дека ваквиот модел станува сè почест, особено кај помладата популација.
Меријем Ал-Досари, млада Саудијка, ја опишува својата одлука како природен чекор.
„Во еден момент сфатив дека пушењето повеќе не се вклопува во животот што сакам да го водам. Откако ја донесов таа одлука, беше многу полесно да истраам“, вели таа.
Истражувањата на Харвардското училиште за јавно здравје „Т.Х. Чен“ дополнително покажуваат дека промените во навиките кои водат до подобар сон, поголема физичка подготвеност и повеќе енергија имаат далеку поголеми шанси да се одржат на долг рок. Токму затоа, младите Саудијци денес се откажуваат од пушењето порано отколку претходните генерации.
„Не сакав пушењето да оди со мене во иднината“, вели 22-годишниот студент Мохамед Ал-Шахри. „Многу луѓе на мои години веќе размислуваат поинаку.“
„Бадаел“, к =омпанијата која ги произведува никотинските кесички „ДЗРТ“, нагласува дека нивната цел е да понудат алтернатива за возрасни пушачи кои сакаат да се оддалечат од класичните цигари, а не да создадат нова долгорочна зависност. Фактот што стотици илјади луѓе со текот на времето целосно се откажале од никотинот, според нив, ја потврдува важноста на поддршката за одржливи промени.
До 2028 година, целта е еден милион луѓе во Саудиска Арабија да го остават пушењето зад себе – како дел од пошироката визија за поздраво и поодржливо општество










