Овој петок и сабота (23 и 24 јануари), со почеток во 19:00 часот, киното Мис Стон ќе биде домаќин на премиерата на филмот „Приказната за Силјан“. Влезниците можат да се набават на билетарницата на киното, секој работен ден од 10 до 12 часот, како и еден час пред почетокот на проекцијата.
Овој документарен филм, откупен од National Geographic, носи интимен и медитативен приказ за издржливоста на човекот, моќта на грижата и значењето на малите, но суштински дела кои можат да го променат животот. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Никола се соочува со предизвиците на новите државни политики, но неговиот живот добива нова насока кога на депонија го наоѓа ранет бел штрк. Нежниот, внимателно граден однос помеѓу човекот и птицата се претвора во спасоносна врска која го обновува чувството на заедништво, буди старите преданија и поттикнува почит кон природата.
Филмот е дело на Тамара Котевска, позната по светскиот хит Honeyland, а визуелниот свет го оживува кинематографот Жан Дакар. Продукцијата е поддржана од Ciconia Film, Concordia Studios и The Cornershop, со продукциски тим кој го сочинуваат Тамара Котевска, Жан Дакар, Анна Хашми и Јорданцо Петковски. Монтажата е дело на Мартин Иванов, а тонската обработка ја потпишува Александар Протиќ / MIR MEDIA. Колор корекцијата е реализирана од GHABHA Studios, додека музиката од Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio) создава магична атмосфера.
Консултантите за наратив – Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Суз Кортиз – помогнале да се извлече суштината на приказната, а пред камерата стојат протагонистите Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов и Иле Стојковски.









