Бугарија се подготвува за нова изборна трка, осма по ред во последните шест години, откако сите главни политички сили во земјата ги вратија своите мандати за состав на влада. Претседателот Румен Радев денеска го предаде третиот и последен мандат на Алијансата за права и слободи (АПС), кој веднаш беше вратен неисполнет од страна на партијата. Со тоа, сите законски предуслови за распишување нови парламентарни избори се исполнети.
„Вашите членови и симпатизери веќе се соочиле со притисоци, а и денес се под разни форми на влијание. Ви го предавам овој мандат како симбол на национално единство и против секој обид на себични политичари да внесат етнички тензии“, рече Радев при врачувањето, нагласувајќи дека изборот на АПС не бил случаен.
Претседателот на пратеничката група на АПС, Хајри Сад’ков, покрај тоа што му се заблагодари на Радев, објасни дека нивната партија има „сензитивни чувства“ поради впечатоците од масовните протести кои ја потресоа Бугарија минатиот месец. „Ние бевме меѓу првите кои јавно повикаа на нови избори и застанавме рамо до рамо со граѓаните на плоштадите“, додаде Сад’ков, нагласувајќи дека враќањето на мандатот е „свесна и одговорна одлука“ со цел да се обезбедат фер, транспарентни и демократски избори.
Ова следува по одлуките на другите две најсилни коалиции во земјата: кандидатот за премиер на ГЕРБ-СДС, Росен Жељазков, веднаш го врати првиот мандат, а коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ го врати вториот мандат, истакнувајќи дека не постои услови за формирање реформистичко мнозинство во сегашниот парламент.
„Благодарам. Вам ви посакувам успех. Одиме на избори“, кратко заклучи претседателот Радев, потврдувајќи дека земјата ќе се соочи со уште еден предизборен циклус.
Според Уставот, ако ниту еден од трите мандатари не успее да формира влада, претседателот назначува преодна влада и закажува избори во рок од два месеца. Овој пат, речиси сите парламентарни партии веќе се изјаснија дека нови избори се единственото излезно решение, а некои дури го нарекоа сегашниот состав на собранието „апсолутно нелегитимен“.










