Македонија ја издаде најголемата еврообврзница на меѓународниот пазар по мошне поволни услови, подобри од претходните емисии на вакви хартии од вредност – смета финансискиот аналитичар и професор по меѓународни финансии во Лондон, Милош Старовиќ. Тој вели дека ова е голем успех за Македонија која не е членка на Европската Унија и не е дел од Еврозоната. Министерството за финансии, според него, донело добра одлука за структурата на долгот и рочноста на еврообврзниците од 4 и посебно онаа од 8 години.
Голем успех е тоа што Македонија издаде еврообврзница на стартот на годината. За финансискиот аналитичар Милош Старовиќ, времето на задолжување со еврообврзница во јануари во геополитички нестабилна година каква што не очекува е клучно. Моментумот бил искористен најадекватно, бидејќи тешко се предвидувале промените на условите на меѓународните пазари.
Македонија пред два дена успешно ја издаде новата 10-та по ред еврообврзница во две транши од по 500 милиони евра или вкупно една милијарда евра. Првата е со помала рочност од 4 години и каматна стапка од 3,875%, а другата е издадена на 8 години со каматна стапка од 4,75% што според надлежните се најниски каматни стапки согласно пазарните услови. Постигнатата рочност од 8 години и нискиот каматен ризик се за првпат издејствувани во изминативе две децении. Министерката за финансии е задоволна од огромниот интерес на инвеститорите чија побарувачка во еден момент достигнала и 4 милијарди евра. Со овие пари ќе се покрива дефицитот, но и ќе се враќа евроонврзницата од 700 милиони евра од 2020-та година. Претходната влада со неколкуте задолжувања на краток рок го зголеми притисокот за враќање огромни долгови за само неколку години. Пресметките покажуваат дека управувањето со јавните финансии треба да биде крајно внимателно бидејќи во следните 5 години за враќање достасуваат долгови од 8,8 милијарди евра.









